Поздравен говор на Декан Проф. д-р Миле Маркоски
Младите инженери се наша иднина ...

Факултет за земјоделски науки и храна - Скопје  

dekan_milemarkoski.jpgМногубројни се предизвиците со кои се соочува агрономската професија, која е на пресврт заради глобалната криза и се поголемата потреба за производство на храна, во согласност со еколошките стандарди, како што е наведено во Зелениот план на ЕУ. Климатските промени и деградацијата на животната средина се егзистенцијална закана за Европа и светот.

Примената на новите технологии доведе до фактот дека човекот е се повеќе менаџер кој управува со сите процеси, како во примарното производство, така и во процесите на преработувачката индустрија и производството на храна. 

Иако се чини дека тоа не е нешто што може да се проучува, реалноста е сосема поинаква. Во земјоделството секогаш ќе има работа, а неговиот развој секогаш ќе се прилагодува на потребите на човекот. Токму затоа, повеќе од било кога на државата и се потребни млади стручни кадри- земјоделски инженери. 

Студиите на Факултетот за земјоделски науки и храна - Скопје се организирани преку 10 акредитирани студиски програми на прв циклус (додипломски) студии. 

Од академската 2024/2025 година, за прв пат во 77 години постоење на Факултет за земјоделски науки и храна - Скопје, акредитираме нова студиска програма - интердисциплинарни студии по Дигитално земјоделство, единствена од ваков вид во земјава. Студиската програма е  поддржана од неколку факултети (ФИНКИ, ФЕИТ, Машински факултет, ПМФ) во рамки на УКИМ, и претставува предизвик за сите млади кои имаат афинитет кон природните науки, областите на информатичката технологија, машинството и автоматизацијата. 

На светот му е потребен систем на одржливо производство на храна што ќе користи земја, вода и други ресурси на поефикасен начин и со тоа ќе ја намали употребата на фосилни горива, што драстично ќе ги намали емисиите на гасови и ќе го намали ефектот на стаклена градина, и ќе ја зачува биолошката разновидност, ќе го намали количеството на отпад... 

Забрзаниот пораст на населението во глобални рамки, развојот на индустриските и технолошките области, зголеменото искористување на природните ресурси создаваат сериозни еколошки проблеми кои се закана за човештвото. Затоа, само со примена и комбинација на посовремени технологии од различни области ќе можеме да ги оптимизираме производните процеси, зголемиме приносите, а истовремено да зборуваме за одржливо земјоделство кое ќе обезбеди храна денес, и ќе остави простор за идните генерации.

За надминување на предизвиците веќе е развиен концептот на прецизно земјоделство, кој вклучува комбинација на различни области од различни науки, со цел да се оптимизираат приносите,а истовремено да се намалат негативните влијанија врз животната средина. Затоа, вложувањата во образованието на младите науката и истражувањата треба да се приоритет за државата. 

Сите студиски програми на Факултет за земјоделски науки и храна - Скопје, имаат свои специфичности во однос на стекнатите компетенции, но сите се подеднакво важни за економијата на нашата земја и по дипломирањето отвораат можност за вработување во различни сектори.   

Скопје,
Декан
Проф. д-р Миле Маркоски