VOL 65_2015/055
МОЖНОСТ ЗА ПРОИЗВОДСТВО НА ХРАНА ОД ЖИВОТНИ ЗАБОЛЕНИ ОД БРУЦЕЛОЗА
Мики Димов1*
1Квалитет и безбедност на храна, Факултет за земјоделски науки и храна во Скопје, Дипломиран земјоделски инженер
e-mail: mikidimov1110@gmail.com
Апстракт
Бруцелозата е заразна болест на домашните животни и човекот предизвикана од повеќе видови бактерии од родот Brucella. Болеста претставува сериозна јавна здравствена опасност. Преваленцијата на болеста бруцелоза кај овците и козите во Република Македонија во периодот пред 2008 година, односно пред воведувањето на мерката вакцинација имала тренд на зголемување (2,25% во 2005 година - 6,51% во 2007 година). Од 2008 година, по воведувањето на мерката вакцинација на овците и козите, преваленцијата на бруцелозата бележи континуирано намалување (0,03 до 0,1%). Бруцелозата кај луѓето во Република Македонија, во епидемиска форма, за прв пат била регистрирана во 1980 година а највисока преваленција на болеста е евидентирана во 1992 година. Најголема преваленција на бруцелоза кај луѓето е регистрирана во општините Радовиш (7,88%) и во Валандово (3,99%), во општините Велес, Гевгелија, Кавадарци, Прилеп, Струмица, Штип и Тетово таа изнесувала од 0,96 до 1,57%, додека во останатите општини преваленцијата на болеста била пониска (0,30 – 0,57%). Сузбивањето на бруцелозата е законски регулирано со Програма за сузбивање и искоренување на болеста бруцелоза кај овците и козите (Службен весник на Р.М бр. 46/10 и 108/14). Животните болни од бруцелоза може да се заколат во санитарни кланици кои мора да ги исполнуваат општите и посебните барања согласно законските и подзаконските регулативи во Република Македонија, а кои се однесуваат на безбедноста на храната за исхрана на луѓето. Процентот на заклани овци и кози во однос на потврдените случаи се движи од 62,64% во 2006 година до 132,27% во 2014 година. Месото од заклани заболени овци и кози, кое служи како суровина за добивање на производи од месо, задолжително се подложува на термичка обработка. Производи кои најчесто се добиваат од животните заболени од бруцелоза се некои видови се виршли и салами. Ваквите производи подлежат на строга контрола при целиот производен процес и истите се безбедни за конзумирање од страна на луѓето.
Клучни зборови: бруцелоза, овци и кози, санитарни кланици
Languages:
Pages: